Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес издаде четири стрип книги, две стрип изданија и една стрип сликовница за деца, кои финансиски беа поддржани од Министерството за култура со годишната програма.

„За разлика од минатите години, годинава имаме скратена програма и по број на изданија и по средствата што ги добивме за нив. Побаравме 11, а добивме пет стрип книги. Добивме и далеку помалку средства од она што го побаравме за да ги отпечатиме. Со добиените средства едвај можевме да ги покриеме трошоците за печатење, хонорари и лектор“, кажа Ване Трајков, претседателот на Стрип центарот на Македонија.

Издадени се „Св. Кирил и Методиј“ од Миле Топуз, „Визуелна хроника на македонскиот стрип 2000-2007“ од Александар Стеванов, „Скендербег“ од Џон Марку, „Македонски стрип алманах“, како и 31. и 32. број на „Стрип креатор“. Издадена е и стрип сликовницата „Лили и тигарчето Вили“ од Сребрена Трајковска.

„Отпечативме по 300 примероци од секоја книга: една третина оди за државните институции каде што мораме да ги доставиме, а 200 примероци ќе се најдат во продажба. Има заинтересирани кои редовно купуваат стрипови“, додаде Трајков.

П. ПЕЧКОВ