ТУРСКОТО ДУО УЛУЏАН ВЕЧЕРВА СО КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Турското дуо Озџан Улуџан на виолина и Бирсен Улуџан на пијано ќе настапи вечерва во 21 часот во  „Св.Софија“ на Охридско лето.

Виолинистот Озџан Улуџан е роден во Бугарија, во семејство во кое уметноста била многу почитувана. Студирал во Бугарија, Турција, Велика Британија и Германија, а Максим Венгеров кој го нарекол „еден од најуспешните студенти, вистински следбеник на мојата филозофија на сцена…“
Улуџан има настапувано со англискиот камерен оркестар, „Амстердам Синфониета“, Виенскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар „Франц Лист“, оркестарот „Филхармонија“ во Лондон, музицирано во престижни концертни сали како „Ројал Алберт Хол“, „Концертхаус“ во Берлин, „Концертгебау“ во Амстердам, како и на фестивалите во Будимпешта и Лудвигсбург. Покрај концертната кариера тој е и професор на Конзерваториумот „Мимар Синан“ во Истанбул. Улуџан е основач на ансамблот за нова
музика „Хезарфен“.

Бирсен Улуџан е родена во Бугарија и учела пијано во музичкото училиште во Варна, на Истанбулскиот државен конзеравториум  и на Школата за музика „Гилхол“ во Лондон. Магистрира на Сити-универзитетот во Лондон.

Настапува низ цела Европа и тоа со водечките оркестри во Турција, со Виенскиот камерен оркестар, со камерниот оркестар „Франц Лист“, а одржува концерти и на реномираниот фестивал „Моцартеум“ во Салцбург, на Истанбулскиот фестивал и на Фестивалот „Флан“ во Франција. Настапува заедно со реномирани музичари како Марата Гулјас, Максим Венгеров, Ричард Роса, Изабел ван Кулен, Фернандо Перез, Кристијан Полтера, Озан Тунча, како и со нејзиниот брат и сестра – виолинисти Ајшен Улуџан и Озџан Улуџан.