Велешанката Снежана Лазарова Луна за десет години работа ја отвори нејзината 10. самостојна изложба во родниот град. Во Ликовниот салон се претстави со 40-ина дела, сите изработени во мозаик техника од ориз и синап. Ова творештво ја прави единствен автор во земјава кој работи со овие елементи. Меѓу делата кои се изложени особено внимание привлекува „Тајната вечера“, што го работела две и пол години.
„Започнав да ја работам сликата во 2015 и ја завршив во 2017, со тоа што во меѓувреме создадов и други дела. Составена е од осум елементи, бидејќи не е можно да се работи на толкава површина. Нив на крајот ги споив во една слика“, вели Лазарова, која е самоука сликарка.
Изложбата е насловена „Сѐ што не ти кажав“ и е дел од содржините на Велешко културно лето. Темите кои ги слика се мртва природа, пејзажи и ликови на светци.
„Работам со бел ориз и црн синап, а во поново време користам и жолто просо. Така се добиваат и нијанси, без да се користат бои, мастило и туш. На крајот, делата ги премачкувам со специфична смола, која им дава долговечност. Кога правам изложби во други градови, одржувам и работилници за оваа моја техника. Таа навидум е лесна, но тешко оди, треба трпение“, додава Лазарова.
Освен во Велес, таа досега има изложувано во Кочани, Валандово, Струмица и Македонска Каменица, а учествувала и на три меѓународни колонии во Битола и Ресен. Следен град каде што оваа изложба ќе биде претставена е Делчево.
П. ПЕЧКОВ