ПАРИЗ ЈА СОЗДАВА НАЈГОЛЕМАТА СВЕТСКА УРБАНА ФАРМА НА ПОКРИВ, ДНЕВНО ЌЕ ДАВА 900 КИЛОГРАМИ ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ

Париз, (Лонли планет)

Париз се обидува да го намали својот јаглероден отпечаток така што се ориентира кон сопствено градинарско производство во срцето на градот.

Порт де Версај, културен комплекс што се наоѓа на само 15 минути од Ајфелова кула, е местото на нова урбана фарма на покрив, за која се вели дека е најголема на светот. Првата фаза од проектот беше отворена во мај по двомесечно одложување поради коронавирусот, при што фармата е замислена како зелен рај што ќе произведува храна за градот.

Растенијата ќе растат вертикално преку земјоделски метод кој во производството не користи почва (Фото: Гети)

Простирајќи се на површина од 14.000 квадратни метри, што е рамно на големината на две фудбалски игралишта, „Натур урбен“ ќе се состои од повеќе од 20 градини, кои во сезона ќе обезбедуваат 900 килограми зеленчук и овошје на ден од 30-ина различни култури. Растенијата ќе растат вертикално преку аеропонскиот систем, земјоделски метод кој во производството не користи почва, туку магла и дождовница богати со хранливи материи. Користејќи само 10% од водата потребна за традиционалното земјоделство, експертите велат дека ова е поодржлив метод на одгледување.

За да се поттикне вистински дух на заедницата, за локалните жители ќе бидат обезбедени 140 парцели со зеленчук.

„Инсталирајќи вакви фарми, ние помагаме да се поттикнуваат еколошката и економска отпорност на градовите во иднина. Тоа е нашиот водечки принцип“, вели Пабло Нахле Черути, извршниот директор на „Випари“, која стои зад проектот „Натур урбен“.