Нов културен и туристички центар се отвори во Порто кој особено треба да ги привлече љубителите на виното и храната. Наречен „Светот на виното“, новата атракција се создаваше пет години и конечно ги отвори своите врати овој месец, откако во неа биле инвестирани 105 милиони евра. Целиот простор зафаќа површина од 55.000 квадратни метри.
Таа се состои од шест интерактивни музеи и девет ресторани, барови и кафулиња, кои се добиени со реновирањето на старите вински подруми во градското пристаниште.
Лоциран на јужниот брег на реката Дуоро, ова е еден од најголемите туристички проекти отворени во Европа оваа година и ги прикажува винските, модните, текстилните и чоколадните традиции на градот и тоа на начин што ќе им биде забавен на сите генерации. Претставени преку изложби и историски артефакти, сето тоа изгледа како да е извадено од филмски сетови.
„Нашата цел е ‘Светот на виното‘ да помогне да го дефинира Порто како културна дестинација, раскажувајќи ја приказната не само за виното, туку и за самиот град, неговите луѓе и за нивните авантури низ вековите“, изјави Адријан Бриџ, извршниот директор на „Светот на виното“.
Секако, посетителите ќе можат и да дегустираат вина.