ПО ТРИ ГОДИНИ ИЗВЕДУВАЊЕ ВО ЖИВО, ТРПЧЕСКИ И ПРИЈАТЕЛИТЕ ГО ИЗДАДОА АЛБУМОТ „МАКЕДОНИСИМО“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Албумот „Македонисимо“ на пијанистот со светска кариера Симон Трпчески и пријателите излезе денеска во издание на престижната британска етикета „Лин рекордс“.

„Денеска е голем ден, Голема Богородица, но и голем ден и голема победа на македонската музика, длабока историја и уметност. На овој албум на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор Панде Шахов, кој ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи ја со различни музички стилови. Јас сум неизмерно среќен што по тригодишното нижење на сиот тој материјал на концертните сцени ширум светот дојде денот на овој носач на звук“, изјави Трпчески за Македонското радио.

Покрај него, во правењето на албумот во Сафолк (Англија) учествуваа и Александар Краповски на виолина, Бугаринот Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на удиралки. Продуцент е Џереми Хејс. Со излегувањето на албумот стартува нивната соработка со оваа престижна британска издавачка куќа.

„Целокупниот ефект е повеќе џез отколку класична музика, ако сакате да пронајдете соодветна стилска полица за да го ставите овој диск, но не дозволувајте тоа да ве премисли да го испробате ако мислите дека не ви се допаѓа џезот. Традиционалните мелодии се појавуваат низ класична музика цело време, од Бах до Копленд, од Бернштајн до Малер, па затоа искористете го ова како богат нов извор на извонредно изведени и снимени звуци и видете колкав простор имате дома за да танцувате на овие ритми“, вели критичарот Доминик Клементс во рецензијата за сајтот „Мјузик веб“.