Вечерва во 20:30 часот, во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе се отвори групната изложба „Скршено“, со која официјално почнува 8. Викенд на гордоста Скопје. Изложбата вклучува дела од Феликс Гонсалес-Торес, Полин Бодри, Ренате Лоренц, Карин Мичалски, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Хермес Питакос и Федерика Даури, а куратор е Славчо Димитров.
„Делото на Феликс Гонсалес-Торес е поставено како концептуална позадина на изложбата, со цел да се оддаде признание на огромните важност и влијание што неговите дела ги имаат врз современите уметности и квир историјата, но и затоа што го воведува концептот за скршеноста како еден од основните проблеми и оски на естетското и политичко креирање и критика“, велат од МСУ.
Викенд на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија кој ќе се одржува до 8 септември. Фестивалот е во организација на Коалицијата Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира со поддршка од фондацијата „Хајнрих Бол“, Фондацијата отворено општество Македонија, Европска Унија и ИЛГА-Европа.