„Нетфликс“ објави дека ги ангажирал креаторите на „Игра на тронови“ за да направат адаптација на популарниот кинески научно-фантастичен роман „The Three-Body Problem“. Дејвид Бениоф и Ди Би Вајс ќе работат на серијата заедно со сценаристот на „Вистинска крв“, Александер Ву.

Оваа книга е прв дел од трилогијата „Remembrance of Earth’s Past“ на кинескиот автор Лиу Цишин. Книгите, од кои првата излезе во 2006 година, се преведени на англиски јазик и дејството се протега од Културната револуција во Кина до настаните кои се случуваат илјадници години во иднината.

„Трилогијата на Лиу Цишин е најамбициозната научно-фантастична серија што сме ја читале, носејќи ги читателите од 1960-ите до крајот на времето. Планираме да ги потрошиме наредните неколку години од нашите животи за да го оживееме ова за публиката од цел свет“, се вели во заедничкото соопштение на Бениоф и Вајс, кои лани потпишаа ексклузивен договор со „Нетфликс“.