Педро Алмодовар најави дека работи на вестерн филм, што би бил голем пресврт во кариерата на мајсторот на мелодрами.
„Моментално пишувам сценарио за вестерн филм. Но, тоа ќе биде различен тип на вестерн, ќе биде многу шарен, многу театарски“, изјави Алмодовар при гостувањето на Венецискиот филмски фестивал.
Седумдесетгодишниот шпански филмаџија се наоѓа среде една од своите најпродуктивни години. Тој дојде во Венеција за да го претстави својот нов, краток филм и прв на англиски јазик, „Човечки глас“, што го снимил минатиот месец, а во октомври планира да почне со снимањето на наредниот филм, „Madres Paralelas“.
„После него ќе го правам вестернот, а потоа уште еден филм, насловен ‘A Manual For Cleaning Women‘“, најави Алмодовар.