ПРЕМИЕРАТА НА „ХОМО“ НА ИВАНОВ-ИЗИ ВЕЧЕРВА ГО ЗАТВОРА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерата на македонскиот филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов-Изи, вечерва завршува 19. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс. Пред проекцијата, закажана за 20 часот на покривот на ГТЦ, ќе бидат доделени наградите од годинешното издание.

Во филмот играат Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Сергеј Димовски, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

„Што е тоа човек? ‘Хомо’ прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди, проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов“, најавува Синедејс.

На затворањето, од 23 часот во паркот кај МКЦ ќе настапи ЗЏМ колектив, придружуван од гудачки оркестар.