АРКТИЧКИОТ МРАЗ УМИРА, ЗАКЛУЧИ ИСТОРИСКАТА НАУЧНА ЕКСПЕДИЦИЈА КОЈА ПО ЕДНА ГОДИНА СЕ ВРАТИ ДОМА

Берлин, (Би-Би-Си)

Германскиот истражувачки брод „Поларштерн“ се врати дома со застрашувачки податоци откако ја комплетираше својата историска експедиција во Арктички Океан. Бродот помина една година на Северниот Пол, главно со исклучени мотори, со цел да изврши дупчења во морскиот мраз.

Целта на истражувањето, опишано како најголемо досега, беше да се проучи арктичката клима и како таа се менува. Научниците велат дека ќе им требаат две години за да ги проанализираат сите собрани податоци и примероци.

Научниците пет месеци работеле во 24-часовна темница

„Морскиот мраз умира. Целиот регион е во опасност. Сведочевме како мразот исчезнува, а во областите каде што очекувавме да биде дебел и неколку метри, мразот го немаше, дури и на Северен Пол“, изјави лидерот на експедицијата Маркус Рекс од институтот „Алфред Вегенер“.

Пловечкиот мраз се повлекол до само 3,74 милиони квадратни километри. Во ерата на сателитските снимања помал бил само во 2012 година – 3,41 милион квадратни километри. Трендот на намалувањето е 13% во деценија.

„Ова го одразува загревањето на Арктикот. Мразот исчезнува и за неколку децении ќе имаме Арктик без мраз. Тоа ќе има големо влијание врз климата низ светот“, додаде Рекс.

Бродот од 130 милиони евра исплови од норвешкиот град Тромсе на 20 септември минатата година и идејата беше да се повтори историското патување на Фридтјоф Нансен, кој ги извел првите дупчења во арктичкиот мраз пред повеќе од 125 години.