АВСТРАЛИЈА ЌЕ ЈА ГРАДИ НАЈГОЛЕМАТА СОЛАРНА ФАРМА НА СВЕТОТ КОЈА СО СТРУЈА ЌЕ ГО СНАБДУВА И СИНГАПУР

Сиднеј, (Гардијан)

Австралија ја избра локацијата за она што се најавува како најголема соларна фарма на светот, која со електрична енергија ќе го снабдува и Сингапур.

Проектот ќе се гради на голема фарма за говеда во близина на малиот град Њукасл Вотерс во сојузната држава Северна Територија и ќе зафаќа површина од 12.000 хектари. Кога ќе биде готова, оваа соларна фарма со капацитет од 10 гигавати ќе биде видлива од вселената.

Проектот „Сан кејбл“, чија вредност се проценува на 20 милијарди долари, беше одобрен од федералната влада во јули и го привлече интересот на неколкумина милијардери, кои планираат да се вклучат како инвеститори. Планирано е изградбата да почне во 2023, производството на електрична енергија во 2026, а извозот во 2027 година.

„Две третини од произведената електрична енергија ќе се извезува во Сингапур преку директни високонапонски подморски кабли со дијаметар помал од фудбалска топка. ‘Сан кејбл‘ ќе обезбедува една петина од електричната енергија што му е потребна на Сингапур“, вели извршниот шеф на проектот Дејвид Грифин.