„Кругови“ е насловен концертот на Филхармонијата, закажан за вечерва во 20 часот, на кој како солист ќе настапи еден од најкреативните европски пијанисти Франческо Тристано од Луксембург.
Диригент е Џијан Емин, а на програмата се Концерт за пијано бр. 1 во Д-мол од Бах, четири фрагменти од „Пијано кругови“ од Тристано и Фантазија на тема од Томас Талис од Вилијамс.
Во 2017, Тристано почна соработка со „Сони класикал“, фокусирајќи се на создавањето и снимањето свои авторски дела. Иако активно настапуваше и на фестивалите за електронска музика и во концертните сали, тој постојано му се враќа на пијаното како алатка за креација. Албумот „Пијано кругови“ е колекција од песни во кои Тристано го евоцира својот интерес за творештвото на француските импресионисти.