По 26 години и шест неуспешни обиди, македонската фудбалска репрезентација конечно ќе игра на европско првенство.
Под водство на селекторот Игор Ангеловски и „вечниот“ Горан Пандев, Македонија ја искористи дополнителната шанса преку Лигата на нации и со победата над Грузија од 1:0 во финалето на плејофот обезбеди пласман на Европското првенство, што ќе се одржи следното лето во 12 држави. И можеби беше историски најправедно тоа да се завери со гол на капитенот Горан Пандев, кој на Европското првенство ќе има 37 години и две децении настапи за националниот тим зад себе.
Ова Европско првенство ќе биде деби за македонската репрезентација на големите натпреварувања, што следува по 13 одиграни квалификациски циклуси.
Македонија ќе го игра првиот натпревар на 13 јуни, против Австрија во Букурешт. Четири дена подоцна на истиот стадион е дуелот со Украина, а потоа на 21 јуни се среќаваме со Холандија на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам.