ПАНДЕМИЈАТА ЈА ИЗМЕША ЛИСТАТА НА НАЈСКАПИТЕ ГРАДОВИ НА СВЕТОТ, ХОНГКОНГ, ЦИРИХ И ПАРИЗ СЕГА ГО ДЕЛАТ ВРВОТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Хонгконг, Цирих и Париз сега се најскапите градови на светот, покажа нов глобален извештај за трошоците за живеење.

Сингапур и Осака, кои лани го делеа врвот со Хонгконг, паднаа во рангирањето што традиционално го прави лондонската истражувачко-аналитичка група Економист интелиџенс јунит (ЕИУ). Оттаму велат дека цените во Сингапур паднале поради егзодусот на странските работници како резултат на пандемијата на коронавирусот, додека Бангкок назадуваше за цели 20 позиции на листата.

„Азиските градови традиционално доминираа на листата во изминатите години, но пандемијата доста го измеша последното рангирање“, изјави Јупасана Дат, шефицата на Одделот за трошоците за живеење во ЕИУ.

Според извештајот, градовите во Америка, Африка и Источна Европа станале поевтини во однос со лани, додека западноевропските градови сега се поскапи. Тие заземаат четири од првите десет места на листата: Цирих и Париз го делат врвот, Женева е седма, а Копенхаген деветти. Во првите десет уште се Сингапур, Осака, Тел Авив, Њујорк и Лос Анџелес.

Листата е добиена откако ЕИУ ги споредил цените на 138 стоки и услуги во 130 големи градови во септември.

„Од десетте категории опфатени со извештајот, најмногу поскапеле цигарите и рекреацијата, додека цените на облеката забележале најголем пад“, вели Дат.