Мајк Тајсон вели дека прерано во животот стигнал до врвот на професионалниот бокс, кога бил преоптоварен со „емоционални вампири“. Тој в сабота се враќа во рингот на 54-годишна возраст, за егзибицискиот меч со Рој Џонс Џуниор во Лос Анџелес.
Останува дилемата што да се очекува и каков настап ќе има човекот кој на 20 години стана најмладиот светски шампион во тешка категорија.
„Мислам дека Рој може да издржи малку ќотек. Ќе биде многу жешко“, порача Тајсон.
Дуелот со 51-годишниот Џонс е можност за навраќање на животот на Тајсон, кој стана светски првак во 1986 година, па одлежа шест години затвор за силување и се соочи со низа проблеми со финансии и дрога.
„Најдоброто време од мојот живот веројатно е пред освојувањето на светската титула. Таа не дојде во вистинско време за мене. Имав премногу емоционални вампири околу мене“, вели Тајсон.
Тој откри дека почнал да се тепа кога група мажи се обидела да му ги украде гулабите што ги чувал како дете. За покојниот тренер Каз Д‘Амато вели дека му дал вистински насоки во животот, но дури во изминатите години научил како да го контролира однесувањето што го стекнал додека растел во Браунсвил, Њујорк.
„Тоа дете сѐ уште е во мене, само што сега знам како да го третирам и штитам. Сега живеам одговорно, во сегашноста“, вели Тајсон, кој пред неколку години влезе и во бизнисот со марихуана.