ЧЕТИРИДЕЦЕНИСКОТО ТВОРЕШТВО НА ЈОВАН ШУМКОВСКИ НА РЕТРОСПЕКТИВНА ИЗЛОЖБА ВО МСУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска до 28 февруари 2021, во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје ќе биде отворена ретроспективна изложба на Јован Шумковски, насловена „Вода/Ѕид“. Куратор на поставката е Зоран Петровски.

МСУ вели дека таа го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија речиси четиридецениска уметничка практика е дефинирана од постојан истражувачки интерес и смела инвентивност.

Изложбата „Вода/Ѕид“ е поставена во две галерии и ги содржи раните дела од средината на 1980-ите и поновиот циклус бриколажни инсталации, објекти, макети и видеа, настанати меѓу 2004 и 2017 година. Насловот на изложбата е преземен од едно од делата на уметникот како метафоричен сублимат на темите и содржините присутни во неговото творештво.

Сликар по вокација, Шумковски зад себе има над 20 самостојни изложби во земјава и светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк). Во 1995 беше претставник на Македонија на Биеналето во Сао Пауло, а во 2001 на Биеналето во Венеција.