„Нова година – нов почеток!“ е насловен последниот концерт на Филхармонијата за 2020 година, закажан за вечерва во 20 часот, кој ќе ги спои традицијата, класиката и џезот.
Концертот се реализира во соработка со Здружението на џез музичари, а диригент е Џијан Емин. Како солисти ќе настапат Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.
„Филхармонијата ја завршува оваа неубава година за сите со прекрасен новогодишен концерт, со надеж дека навистина ќе отпочнеме едно ново и поубаво поглавје во нашите животи. Традиционалниот концерт за новогодишните празници и овој пат ќе донесе позитивна нота и оптимизам за да почнеме повторно да дишеме со полни гради. Во наредната сезона ќе имаме многу настани со врвни диригенти и солисти и навистина импресивна програма. Сите концерти можат да се проследат и онлајн, што е позитивна пракса во вакво време“, вели Тина Иванова, в. д. директорка на Филхармонијата.