КЕНГУРИТЕ МОЖЕ ДА КОМУНИЦИРААТ СО ЛУЃЕТО, ВЕЛАТ АВСТРАЛИСКИ НАУЧНИЦИ

Сиднеј, (Ројтерс)

Кенгурите можат да научат да комуницираат со луѓето на ист начин како и домашните кучиња, користејќи го својот поглед за да „покажат“ и да побараат помош, велат истражувачите во студијата која беше објавена неодамна.

Студијата на два универзитета од Сиднеј и од Лондон  вклучувала околу 11 кенгури кои живееле во заробеништво, но не биле припитомени. Според извештајот, десет од 11-те торбари внимателно ги гледале истражувачите кога не можеле да отворат кутија со храна. Девет од нив наизменично гледале во човекот и кутијата, како начин да покажат гестикулација.

„Ние го толкувавме ова како намерна форма на комуникација, односно како барање за помош“, изјави за Ројтерс, Алан Мекелигот, ирскиот истражувач кој ја водеше студијата.

„Од дивите видови навистина не се очекува да се однесуваат на ваков начин и затоа е изненадувачки“, вели тој.

Наодите од истражувањата ги оспоруваат досегашните тврдења дека само домашните животни како на пример кучињата, коњите или пак козите можат да комуницираат со луѓе. Истражувањата покажуваат дека постојат и други видови на животни кои можат да комуницираат со луѓето.

„Претходно мислевме дека само домашните животни се обидуваат да побараат помош за проблем. Но, сега утврдивме дека таква способност имаат и кенгурите. Поверојатно е да се работи за учено однесување кога околината е во право“, заклучи Александра Грин, од Универзитетот во Сиднеј и воедно ко-истражувач во студијата.