МКЦ СО ОНЛАЈН ЗАБАВА „ЧАО 2020“ НА 31 ДЕКЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новогодишна програма под слоганот „Чао 2020” која е во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се емитува на 31 декември  во 20 часот на нивната официјална Фејсбук страна, Јутјуб канал и скопската локална телевизија Едо.

Покрај музичките настапи на македонските бендови Фанк Шуи, Суперхикс, Shock Troopers и Зулу 3.4., српскиот панк рок бенд Atheist Rap, од студиото на МКЦ ќе настапат и артистите Дамјан Маневски, Александар Велики, Дина Јашари, Васко Атанасовски, Диџеј Фиц и Стојче.

Покрај музичките изведби, во програмата се вклучени и настапите на стендап комичарите Влад Илич и Марко Дејановиќ, и специјален готвачки сет на Никола Исаиловски познат и во јавноста како Фат Цацко.

За крај е предвидено читање на поезија во КЦ 750.

„Како организатори и домаќини на скоро 400 поединечни настани во 2020, редно беше да се пробаме и со Новогодишна емисија. Конципираме програма што и ние би сакале да ја гледаме доколку сме дома пред екраните, а не на работа, која повторно на драго срце, сепак сами си ја накалемивме“, велат од МКЦ.

К. СЕЛАМОВСКА