„ФИЛМСКИ ВЕЛИКАНИ“ – НОВА КНИГА НА СУНЧИЦА УНЕВСКА СО ИНТЕРВЈУА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новинарката и филмска критичарка, Сунчица Уневска деновиве ја објави новата книга „Филмски великани“, во издание на „Аквариус“. Станува збор за трета книга на Уневска посветена на филмот, но овој пат со интервјуа со 56 култни филмски автори и актери од целиот свет, едни од најзначајните филмски автори на денешнината, кои оставија силен печат во светската кинематографија во 20. и на почетокот на 21. век.

Интервјуата се работени во текот на изминатите 25 години, и како што вели издавачот, интересно е дека со некои од овие уникатни автори, тоа се воопшто нивни последни интервјуа што ги направиле пред да починат.

Уневска најголем дел од овие интервјуа ги има направено на филмските фестивали низ светот, каде што беше присутна како новинарка, како филмска критичарка, а често и како член на жирија преку Светската федерација на филмски критичари, „Фипресци“, во која таа членува веќе 20 години. Но, еден дел од интервјуата се работени и во Македонија, а во книгата има и избор од неколку македонски автори и актери.

Меѓу нив се имиња како: Вим Вендерс, Абас Киаростами, Мохсен Макмалбаф, Џафар Панахи, Абел Ферара, уникатниот Ерменец, Атом Егојан, Амос Гитаи, Агњешка Холанд, Елија Сулејман,Лучијан Пинтилие,  Питер Гринавеј, Клод Лелуш, Нури Билге Џејлан, Живко Николиќ, Срѓан Карановиќ и Рајко Грлиќ,  Милчо Манчевски, Иво Трајков, Дарко Митревски, Антонио Митриќески, Синоличка Трпкова и Елеонора Венинова.

„ Мојата цел беше да одберам и понудам интервјуа кои ќе можат во секое време да се прочитаат, кои имаат во себе таква содржина и посебност, која е интригантна, која вознемирува, која тера на размислување,на трагање, на спознавање“,пишува Уневска во воведот.