ВЛАШКАТА РЕДАКЦИЈА ВО МРТВ СЛАВИ 30 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Редакцијата за емисиите на влашки јазик во Македонската радиотелевизија (МТВ) денеска одбележува 30 години од формирањето. Првата емисија беше емитувана на 9 јануари 1991 во 19:15 часот и траеше само 15 минути.

На почетокот се емитуваше еднаш неделно, па трипати неделно по 30 минути и еднаш месечно од 60 минути, а од 16 април минатата година, емисијата „Scãnteaua“ (Искра) е во програмата секој ден, во три термини, во траење од по 30 минути.

Во моментов, емисиите ги подготвуваат Јана Михаилова (уредник) и Љубица Горгиева (новинар).

Тимот на Влашката редакција во минатото

„Пионерите на новинарството на влашки јазик во нашата држава очекуваат со зголемувањето на бројот на емисии да се зголеми и бројот на вработените, за да можат целосно да одговорат на очекувањата на гледачите. За овие 30 години, оваа мала редакција ги промовираше културата и традицијата на влашкиот народ, книги од писатели и поети Власи, како и многу личности, теми и настани поврзани со животот на Власите. Огромна е улогата на оваа редакција и во зачувувањето и промовирањето на влашкиот јазик“, вели Михаилова.