Две години по „Врба“, Милчо Манчевски повторно се здружи со „Банана филм“ и британскиот партнер „Скала продакшнс“ на неговиот следен режисерски проект, црната комедија „Кајмак“, објави угледниот холивудски сајт „Вараети“.
Манчевски го напиша и сценариото за филмот кој следи две двојки кои живеат една до друга и притоа се вмешани во нетрадиционални романтични врски. „Кајмак“ е копродуциран од Луиза Фолдагер Серенсен и Мете Берх од „Мета филмс“ (Копенхаген) и од Иван Дојков од „Даре филмс“ (Софија). Процесот на избор на актерската екипа е во тек.
„‘Кајмак‘ зборува за предизвикување на прифатената мудрост за тоа што се смета за нормална романтична врска. Зборува за тоа дека треба да се следи срцето, без разлика каде ќе те одведе. Зборува за табуа, за изборите што ги правиме во животот и како тоа ни се враќа, како нѐ прогонуваат, инспирираат, повредуваат и поттикнуваат“, вели Манчевски.
Филмот е поддржан од Агенција за филм на Северна Македонија, Дански филмски институт, Бугарски филмски центар и МРТВ.
Последниот филм на Манчевски, „Врба“, е македонскиот кандидат за Оскар за 2021 година. За 15 месеци од светската премиера на Римскиот филмски фестивал освои пет награди, постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми и настапи на над 20 фестивали на четири континенти.