НАСТАВНИЧКАТА ЖАНЕТА ТОШЕВСКА Е ЧИТАТЕЛ НА ГОДИНАТА ВО БИТОЛА, ЛАНИ ПРОЧИТАЛА 71 КНИГА ОД ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Жанета Тошеска, наставничка во прво одделение во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Битола, е прогласена за најредовен читател во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола. Таа лани прочитала 71 книга или во просек, една на секои пет-шест дена.

„Член сум на библиотеката неколку години. Во последно време читам секој ден, а сакам да читам зашто секојдневно откривам различни ликови, нивниот начин на живот, нивните мисли, како тие се справуваат со проблемите и како преживуваат. Читам книги од сите жанрови, но најинтересни ми се трилери“, изјави Тошеска, која не сакаше да се фотографира.

Таа ги учи децата дека треба редовно да читаат.

„Знаеме дека денес учениците многу малку читаат. Како наставник во прво одделение, постојано ги потсетувам дека треба да стекнат навика за редовно читање, а јас им читам сликовници и приказни најчесто што можам“.

Од библиотеката додаваат дека едни од најредовните читатели им се пензионерите, далеку повеќе од средношколците.

Ж. ЗДРАВКОВСКА