Австралиската актерка Марго Роби, позната по блокбастерите „Одредот на отпишаните“ и „Волкот од Волстрит“, откри дека тешката шминка, што ја нанесува на снимањето за улогата на кралицата Елизабета Прва, ја прави да се чувствува речиси „нечовечно“ и дека членовите на екипата одбегнувале да ја гледаат.
Роби и ирската актерка Сурша Ронан, која има две номинации за Оскар, целосно се трансформираа за улогите на Елизабета Прва и на Мери Стјуарт во новиот филм „Мери, Кралица на Шкотите“, чија премиера е најавена за 2 ноември 2018 година.
Кралицата Елизабета имала сипаници, па поради тоа на лицето на Роби шминкерите нанесуваат дебели слоеви шминка, како и протеза, за да се забележуваат лузните. Роби ја скрати косата многу кусо, а русокосата Ронан носи перика во портокалова нијанса. За потребите на филмот таа посетувала и часови по јавање.
Филмот го следи животот на Мери Стјуарт, откако таа станува вдовица по смртта на францускиот крал и се враќа во својата татковина Шкотска, за да го побара тронот. Тензиите се јавуваат помеѓу неа и нејзината братучетка Елизабета Прва, која владее со Англија и со Шкотска.
Се очекува Роби и Ронан да си бидат големи конкурентки и во претстојната сезона на филмски награди.