Јужна Кореја објави план за изградба на најголемата фарма на ветерни турбини на светот, вреден 43,2 милијарди долари, како дел од напорите за еколошка обнова на земјата по пандемијата на ковид-19.
Проектот е главна компонента на Зелениот план на претседателот Мун Џае-ин инициран минатата година, со цел четвртата најголема економија во Азија да ја намали зависноста од фосилни горива и да стане јаглеродно неутрална до 2050 година. Фармата треба да биде изградена до крајот на деценијата и ќе има максимален капацитет од 8,2 гигавати. Официјални лица кажаа дека ова е рамно на енергијата што ја произведуваат шест нуклеарни реактори или на ефектот на садењето на 71 милион борови дрвја.
„Со овој проект ја забрзуваме нашата еколошка енергетска транзиција и поинтензивно се движиме кон постигнување на јаглеродна неутралност“, изјави Мун на церемонијата на потпишувањето на договорот во југозападниот крајбрежен град Синан.
Најголемата фарма на ветерници во моментов е „Хорнси 1“ во Велика Британија, која има капацитет од 1,12 гигавати.