АВГАНИСТАНСКАТА МЛАДИНА САКА ДА ЈА ПРЕПОЗНАВААТ ПО МОДА, НЕ ПО ВОЈНА

Кабул, (ДПА)

Името на Авганистан најчесто е синоним за војна и крвопролевање поради четиридеценискиот конфликт. Војната, тероризмот и сиромаштијата често ја обликуваат сликата за тоа каква држава е Авганистан. Но, новите генерации се жедни за промена и прогрес и се надеваат дека ќе имаат можност да го променат тоа, но се соочуваат со огромни пречки.

Постојат многу табу теми во традиционалното авганистанско општество. Едни од нив се манекенството и модните ревии, кои се сметаат за неисламски и се поврзуваат со проституција.

Дваесет и седумгодишниот Хамед Вали влегол во модната индустрија додека студирал во Индија. Иако свесен за предрасудите, тој во 2019 ја формираше првата агенција за професионално моделство во Кабул, а лани го воведе натпреварот за избор на Мистер и Мис.

„Тоа беше нешто чудно за луѓето. Не знаеја како да реагираат. Многу луѓе на социјалните мрежи реагираа луто, ја критикуваа облеката на моделите”, вели тој.

И покрај директните закани од исламистичките талибанци и другите екстремисти во земјата, тимот на Вали не застанува тука. Младите модели продолжуваат да ги реализираат своите соништа.

„Наспроти шансите, постои нова генерација која би сакала да зборува за себе. Ние постоиме и имаме талент. Само дајте ни време“, вели младата манекенка Хума Сарферази.