По Јувентус, вчера од Лигата на шампионите испадна уште еден фудбалски гигант, Барселона.
Тоа значи дека за првпат во последните 16 години во четвртфиналето нема да ги има ни Кристијано Роналдо, ни Лео Меси, фудбалерите кои го обележаа 21. век досега.
Јувентус на Роналдо беше елиминиран од Порто во вторникот, иако победи на домашен терен со 3:2, додека Барселона одигра само 1:1 во реваншот со ПСЖ, кој имаше предност од три гола од првиот натпревар.
Во 2005 година, последен пат кога се случи ова, Барселона беше исфрлена од Челзи со вкупни 5:4, додека Манчестер јунајтед, за кого тогаш играше Роналдо, испадна од Милан.
Роналдо потоа ја освои Лигата на шампионите и со Манчестер (еднаш) и со Реал Мадрид (четири пати), додека Меси ѝ донесе четири европски трофеи на Барселона.