Марсело Толедо вообичаено изработува скулптури и накит од метал. Но, сега, аргентинскиот уметник работи со нов материјал, искористени заштитни маски и шприцеви од пандемијата на ковид-19, за да подготви изложба која ќе го истражува болното влијание на вирусот.
Толедо, кој го дизајнираше накитот за мјузиклот „Евита“ на Бродвеј, како и уникатни парчиња за Барак Обама и Мадона, беше меѓу првите во Аргентина кој пред една година се зарази со коронавирус и лежеше осум дена во болница со пневмонија.
За изложбата „Museum of the After“, Толедо собира отпад што му го испраќаат болници, лаборатории и обични граѓани. Во нив има и празни шишенца од вакцини, медицински материјали и исечоци од весници врзани со пандемијата.
„Возбуден сум што можам да ја трансформирам болката во убавина. Оваа изложба е токму тоа, доловување на сето она што ни се случува нам како општество“, вели 45-годишниот уметник.
Изложбата ќе се отвори во септември на јавен простор во Буенос Аирес.