НАЈУБАВИТЕ МЕТРОА ВО ЕВРОПА СЕ КАКО ГОЛЕМИ УМЕТНИЧКИ ГАЛЕРИИ

Брисел, (Јуроњуз)

За жителите на еден град, подземната железница е дел од секојдневната рутина, начин што побрзо да се стигне од една до друга точка. Но, тие исто така можат да бидат туристички атракции и да прикажуваат историја, култура и модни трендови.

КИЕВ

Главниот град на Украина ја има најдлабоката метро станица на светот, која се наоѓа над 100 метри под уличното ниво, но системот дава и визуелно задоволство. Станица која не треба да се пропушти е Золоти, која е изградена да изгледа како замок, а нејзините ѕидови се украсени со мозаици.

САНКТ ПЕТЕРБУРГ

Изградбата почнала во 1941 година, но била прекината поради нацистичката инвазија на СССР, па првите патници почнаа да се возат дури во 1955. Тоа е еден од најдлабоките системи на подземна железница на светот и еден од најраскошни, со високи тавани, мермер, уметнички дела и лустери.

ЛИСАБОН

Ова е најголемата уметничка галерија во градот, во која што повеќе од 50 станици беа отстапени на сликари, дизајнери и архитекти за да ги прикажат историјата и културата на Португалија.

НЕАПОЛ

Метрото стана еден од симболите на ренесансата на градот, кој од излитено пристаниште се претвори во просперитетен туристички центар. Во проектот „Станици на уметноста“, на 90 домашни и странски уметници им беше дадена слобода да го украсат метрото, како резултат на што беа создадени над 180 уметнички дела. Таа денес редовно се вбројува меѓу најубавите подземни железници во Европа.

СТОКХОЛМ

Често нарекувано најдолга уметничка галерија на светот, метрото во Стокхолм се издвојува не само со своите пештерски ѕидови и тавани, туку тие се дел од 160 километри уметност. Речиси сите станици, секоја повоодушевувачка од претходната, се украсени со скулптури, мозаици, мурали и инсталации изработени од стотици уметници.

МОСКВА

Од сите метро системи од советската ера, московскиот е најимпресивен во поглед на големина и естетика. Сегашниот систем брои повеќе од 200 станици и е една од најпрометните подземни железници во Европа.

ЛОНДОН

Како најстаро метро на светот, повеќе од 150 години, лондонски Тјуб беше пример според кој други градови градеа подземни железници. И покрај староста, овој лавиринт од линии и станици добро се одржуваше и редовно се реновираше низ децениите. Поновите станици се одликуваат со модерни дизајни и декори од познати уметници, меѓу кои се истакнува 90-метарскиот ѕид од ЛЕД сијалици.