ЊУЈОРК ЈА ЛЕГАЛИЗИРАШЕ МАРИХУАНАТА, ОД КОЈА ОЧЕКУВА ГОДИШНИ ПРИХОДИ ОД 350 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (АФП)

Њујоршките законодавци го изгласаа законот за целосна легализација на марихуаната и гувернерот Ендрју Куомо кажа дека ќе го потпише. Њујорк со тоа се придружи на 14 американски сојузни држави и на Федералниот округ Колумбија кои одобрија рекреативно користење марихуана.

„Овој историски закон обезбедува правда за долго време маргинализираните заедници, создава нова индустрија што ќе ја помогне економијата и воспоставува значителна сигурност за јавноста“, изјави Куомо.

Според него, законската измена ќе донесе дополнителни 350 милиони долари во буџетот од даноците и ќе создаде десетици илјади работни места.

Законот им овозможува на сите лица од најмалку 21 година да купуваат и поседуваат до 85 грама марихуана и да ја одгледуваат во домашни услови за лична употреба. Њујорк автоматски ќе ги избрише досиејата на сите оние кои имаат минати обвиненија поврзани со марихуаната.