ТРАГИТЕ НА НЕБОТО НАД КАЛИФОРНИЈА НЕ БИЛЕ ОД НЛО, ТУКУ ОД РАКЕТА КОЈА НОСЕЛА САТЕЛИТИ

Лос Анџелес, (Гардијан)

Ракета на „Спејс Екс“ однесе десет сателити во орбитата, а лансирањето од Калифорнија остави трага на мистерија зад себе што е тоа што се движи на небото.

Многумина помислија дека необичните облик и чад се, всушност, вселенски брод или НЛО, но тоа било планирано лансирање на ракетата „Фалкон 9“ од крајбрежната воздушна база Ванденбург, која превезувала нова група сателити за потребите на „Иридиум комуникации“.

Лансирањето во раните утрински часови остави светлечка трага, што можеше да се види од Калифорнија до Аризона. Локалните ТВ-станици затоа примиле голем број повици од загрижени граѓани, на кои не им било јасно на што се должи чудната светлина.

Пожарникарската служба на Лос Анџелес дополнително издаде соопштение дека „мистериозната светлина на небото е предизвикана од лансирање на ракета“.

За разлика од обичните, уплашени граѓани, бизнисменот Илон Маск се пошегува на Твитер дека станува збор за нуклеарно НЛО од Северна Кореја, а работата ја смири градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсети, кој напиша дека станува збор за лансирање на ракета од базата.

Тоа беше 18. и последно лансирање за „Спејс Екс“ за оваа година, кој треба да го замени системот на „Иридиум“ со 75 унапредени сателити. Лансирањата ќе продолжат до средината на наредната година.