СНИМЕН ПО ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА, „УШТЕ ЕДНА ТУРА“ Ѝ ГО ДОНЕСЕ ЧЕТВРТИОТ ОСКАР НА ДАНСКА ЗА НАЈДОБАР СТРАНСКИ ФИЛМ

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Комичната драма „Уште една тура“ на Томас Винтерберг доби Оскар за најдобар странски филм и со тоа стана четврти дански филм кој победил во оваа категорија. Данската ѕвезда Мадс Микелсен, кој најчесто игра негативци во холивудски филмови, е во главната улога.

„Уште една тура“ е трагикомична приказна за група средношколски професори кои почнуваат експеримент со секојдневно пиење алкохол за да внесат радост и ведрина во своите зачмаени животи. Винтерберг го заврши филмот, иако на самиот почеток на снимањето ќерка му загина во сообраќајка. Тој се присети на личната трагедија кога го прими оскарот.

„Ида требаше да биде во филмот. Го завршивме како посвета на неа. Ова е чудо што се оствари и ти си дел од тоа чудо. Ида, ова е за тебе“, кажа Винтерберг.

Тој беше на Оскарите и со „Потера“, кој во 2014 беше номиниран за најдобар странски филм.

„Сакавме да направиме филм кој го истражува целиот спектар на алкохолот, но уште поважно, афирмативен филм за животот, за живеењето не само за постоењето“, рече Винтерберг.

Претходни дански филмови кои добија Оскар се „Гозбата на Бабет“ во 1987, „Пеле освојувачот“ во 1989 и „Во подобар свет“ на Сузане Биер.

„Уште една тура“ лани доби четири европски оскари, што ги доделува Европската филмска академија.