БОБ ДИЛАН НА 80 ГОДИНИ Е СЀ ПОАКТИВЕН ВО УМЕТНОСТА, ЌЕ ИЗЛОЖИ НАД 120 ДОСЕГА НЕПОЗНАТИ ДЕЛА

Њујорк, (АП)

Уметничката колекција на Боб Дилан за првпат ќе биде јавно претставена на 30 ноември во Мајами. Насловена „Ретроспектрум“, таа опфаќа шест децении уметничка дејност на музичарот и нобеловец и вклучува над 120 слики, цртежи и скулптури.

„Ретроспектрум“ имаше премиера во Шангај во 2019, но оваа поставка содржи нови и досега непознати дела за јавноста, како и комплетно нов циклус насловен „American Pastoral“.

Најголем дел од творештвото на Дилан е рефлексија на неговите постојани патувања низ САД, со голем афинитет кон американската уметност. Новиот циклус не е исклучок од тоа. Од деби изложбата во 2007 во Германија, легендарниот музичар, кој месецов ќе наполни 80 години, е сѐ поактивен. Неговите дела досега беа изложувани во Лондон, Копенхаген, Милано и Шангај.