НА ЗЕМЈАТА ИМА 50 МИЛИЈАРДИ ПТИЦИ, ПРЕСМЕТАА НАУЧНИЦИТЕ

Сиднеј, (ДПА)

На Земјата има 50 милијарди птици, вели заклучокот на научници од Австралија, што значи дека тие се шесткратно побројни од луѓето.

Тим на научници од Универзитетот на Нов Јужен Велс работел со податоци за 9.700 познати видови птици од цел свет, за кои велат дека претставуваат 92% од сите постоечки видови.

Тие комбинирале научни истражувања за одделни видови птици во одредени области со речиси една милијарда записи во онлајн орнитолошката база на податоци eBird. Притоа заклучиле дека има само неколку вообичаени видови и голем број ретки видови. Само четири вида имаат популација од повеќе од една милијарда.

Меѓу десетте најраспространети птици на светот се врабецот (1,6 милијарди), галебот (1,2) и ластовичката (1,1).