Пет месеци откако беше отпуштен од Пари Сен-Жермен, Томас Тухел го крена пехарот на Лигата на шампионите, предводејќи ги Челзи до втората европска титула. Во синоќешното финале во Порто, Челзи го совлада Манчестер сити со 1:0, а Тухел му одржа тактичка лекција на Пеп Гвардиола, кого го смета за свој учител.
Челзи беше деветти во Премиерлигата кога Тухел дојде да го замени Френк Лампард, кој не покажа доволно да ги оправда вложувањата на Роман Абрамович од 220 милиони евра во новите играчи. Тухел првпат се запозна со својот газда на тревникот на стадионот „Драгао“.
„Можеби ќе добијам нов договор сега кога победивме. Тукушто зборев со Роман и тоа беше најдобриот момент за прва средба. Или најлош. Можеби отсега ќе биде само полошо“, се пошегува германскиот стручњак, кој доби само 18-месечен договор кога дојде во Челзи во јануари.
За разлика од Гвардиола, Тухел немал блескава играчка кариера. Никогаш не играл во Бундеслигата и поради серија повреди на коленото морал да се пензионира на 23 години. Прво работел како келнер, а потоа станал дел од тренерскиот тим на младите категории на Штутгарт.
„Многу го ценев Гвардиола како играч, а кога стана тренер, учев од него. Мислам дека немав пропуштено натпревар на Барселона зашто имаше многу да се научи“, вели Тухел.
Сепак, тренерскиот пат на Тухел повеќе наликува на оној на неговиот сонародник Јирген Клоп, кого во 2009 го замени на клупата на Мајнц, а шест години подоцна и во Борусија Дортмунд. Таму се задржа само две сезони и потоа наводно го одбил Баерн заради ПСЖ. Богатиот париски клуб му врачи отказ само четири месеци по поразот во финалето на Лигата на шампионите, откако на управата не ѝ се допаднаа некои негови изјави.
Вербата во квалитетите на Тухел му се исплатеше на Челзи по само 30 натпревари.
„Ветувам дека ќе останам гладен за титули“, порача Тухел во очекување на нов договор.