ХРВАТСКИ ГОСТИ, ТАНЦОВ ФИЛМ И СОЛО ПРЕТСТАВА ВЕЧЕРВА НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Танцовиот филм „Витро“, во режија и кореографија на Филип Петковски, ќе се прикаже вечерва од 21 часот на 17. Танц фест Скопје на платото пред Домот на АРМ. Камерата и фотографијата се на Марко Марјановиќ, Тео Ангеловски и Жарко Чулиќ, а во филмот играат Мими Поп-Алексова, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Јанковска и Филип Петковски.

„Инспириран од македонски ритуали и легенди кои ја опфаќаат природата, ‘Витро“ ги истражува живоста и трансформацијата како суштински аспекти на движењето на човечкото тело и движењето во природата“, најавува фестивалот.

По филмот, на програмата е претставата „Ревел Ревел“ на шпанскиот кореограф Розе Лопес Еспиноза во изведба на Загребачки плесни ансамбл, под уметничко водство на Петра Глад-Мажар.

Во 22 часот танцовата вечер ќе заврши со соло претставата „Најлон“ на кореографот и танчар Валентино Апостоловски. Сценариото и режијата се на Благој Мицевски.