ПРЕТСТАВА ЗА ЕКО ОСВЕСТУВАЊЕ Е ПРВА ПРЕМИЕРА ЗА ГОДИНАВА НА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Супербајкастично“ е насловена првата премиера во Театарот за деца и младинци за годинава, закажана за вечерва во 19 часот. Текстот е на Горјан Милошевски, а режисер е Игор Ивковиќ.

„Првата премиера годинава е авторски текст на нашиот вработен драматург Милошевски, а се работи за едно исклучително важно четиво кое зборува за еко освестување на младите, па и на повозрасните. И, се разбира, го развиле како идеја заедно со нашиот вработен режисер Ивковиќ. Преку многу хумор, негативни и позитивни ликови и многу поучни податоци за рециклирањето и чувањето на животната средина, нашата публика ќе ги добие овие податоци и максимално ќе ужива во претставата“, ни изјави директорката Катарина Илиевска-Силјановска.

Играат Мики Анчевски, Eмра Куртишова, Катарина Илиевска-Силјановска, Мартин Јорданоски и Марија Ѓорѓијовска.

Фото: Театар за деца и младинци

Според протоколите за играње во затворено, театрите функционираат со 30 отсто од капацитетот на салата, а претставите се играат најчесто еднаш, понекогаш двапати неделно.

„Ние ќе работиме до крајот на јуни. Ќе имаме уште една младинска премиера со кукли, авторски проект на Драган Довлев, а бидејќи немаме летна сцена, нема да имаме претстави на отворено, освен на покана од Охридско или Скопско лето. Со нови сили се гледаме од септември, кога ќе продолжиме со работа, со две нови претстави, една куклена ‘Палешка’ и една играна ‘Лажеш Мелита’. А, во декември нè очекува уште една нова претстава, невербално шоу со импровизирани кукли, на бугарската режисерка Милена Миланова. Така што, ќе имаме плодна театарска година“, вели директорката.

Б. НЕСТОРОСКА