КИНОТЕКАТА ЌЕ ПРИКАЖУВА КОНЦЕРТИ ОД „КРОАЦИЈА РЕКОРДС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Секој четврток во јули, во летното кино на Кинотеката ќе се прикажува по еден концерт од продукцијата на дискографскиот гигант „Кроација рекордс“.

На 1 јули ќе се емитува концертот на Влатко Стефановски во салата „Лисински’“, одржан на 17 април 2018, кога во Загреб беше промовиран неговиот албум „Мајчин јазик“. Таа вечер негови гости беа „Љубојна“, „Хојсак и Новосел“ и Јосипа Лисац.

Лисац ќе биде главната ѕвезда на програмата „Концерти во Кинотека со Кроација рекордс“. На 8 јули ќе може да се проследи концертот што големата дива му го посвети на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош, реализиран во студиото на „Кроација“ во Загреб на 30 октомври 2018.

На 15 јули ќе биде емитуван концертот на Раде Шербеџија во Хрватско народно казалиште во Загреб, а една недела подоцна во програмата е впишан концертот на Амира Медуњанин во пулска Арена, снимен на 3 август 2018.

На 29 јули ќе биде прикажан концертот на хрватскиот кантавтор Ј. Р. Аугуст.