ЕЈМИ ВАЈНХАУС ЌЕ ДОБИЕ СПОМЕНИК ВО БЕЛГРАД КАКО СЕЌАВАЊЕ НА ПОСЛЕДНИОТ КОНЦЕРТ

Белград, (Н1)

Властите на Белград ќе распишат меѓународен конкурс за идејно решение за споменик на Ејми Вајнхаус, најави заменик градоначалникот Горан Весиќ.

Британската пејачка го одржа својот последен концерт токму во Белград, на Калемегдан и со споменикот ќе се обележи тој момент.

„Нешто повеќе од еден месец по концертот во Белград, Ејми почина. Се надевам дека за една година ќе имаме модерна скулптура на местото каде што таа го одржа својот последен концерт“, напиша Весиќ на Фејсбук.

Македонската група „Беј д фиш“ беше дел од последниот концерт на Вајнхаус, што се одржа на 18 јуни 2011. Настапот на британската ѕвезда се претвори во дебакл откако пијана излезе на сцена и беше повод за откажување на остатокот од европската турнеја. Вајнхаус (27) беше пронајдена мртва на 23 јули во својот дом во Лондон.