Во Ликовниот салон во Велес беше промовирана книгата „Рекламата како текст“ на Снежана Петрова-Џамбазова, во која таа прави осврт на јазичните особености на телевизиските реклами. Со овој научен труд таа докторирала во 2016 на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
„Авторката покажува интерес за повеќе работи, како стилистика, синтакса, лексика, лексикографија. Очекуваме нејзината научна дејност да се множи во наредниот период“, рече д-р Елена Јованова-Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Промотор на книгата беше проф. д-р Димитар Пандев.
„Во овој труд авторката ги разработува телевизиските реклами од пред 15-ина години, емитувани на национални и локални телевизии. Некои веќе не постојат, но се дел од нашата историја. Токму рекламата го покажува животот на јазикот. Некои од нив и денес, по толку години, се модерни и актуелни“, рече Пандев.
Петрова-Џамбазова е автор на четири монографии, пишува поезија и е еден од коавторите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик.
П. ПЕЧКОВ