ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ВО ЈУГОИСТОКОТ ДОБИЈА ОПРЕМА ЗА СТЕКНУВАЊЕ РАБОТНИ ВЕШТИНИ

Струмица, (СМАРТ.СДК.МК)

Дневните Центри за лица со попречености во Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија добија помагала и опрема за стекнување работни вештини и професионална ориентација за полесна инклузија во локалните средини.

Центрите во зависност од потребите на своите корисници, добија трицикли, но и гасеничари односно електромоторни транспротери за инвалидски колички за полесен пристап до сите објекти во заедницата каде што живеат. Паралелно добија и опрема за печатење текстил и хартија, грнчарско колце за изработка на глинени сувенири, силиконски модли, мини разбој за изработка на ткаеници за што во изминатиот период се организираа и низа обуки како да се користи ова опрема.

Во четирите Центри доставени се и спортски реквизити, но и опрема за усовршување на вештините за параолимписката игра Бочија.

Лицата со попреченост ја играат параолимписката игра Бочија. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Целта на овој проект е збогатување на секојдневните активности и благосостојба на лицата со посебни потреби во регионот преку воведување на рекреативни, културни и професионално ориентирани реквизити и опрема за достапност. На тој начин ќе се зајакне самодовербата кај лицата со посебни потребни но и капацитетите на Дневните центри преку усвојување на нови вештини за професионална ориентација и спорт, а на тој начин и социјализирање и инклузија на лицата со посебни потреби и нивно професионално осопособување преку кроистење на самата опрема“, ни изјави Жулиета Ѓуркова, раководителка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Опрема добија Центрите за лица со телесна или ментална попреченсот во Струмица и Гевгелија кои функционираат во рамките на Министерството за труд и социјална политика, Дневниот центар за деца со посебни потреби во Валандово и Центарот за поддршка на лицата со интелектуална попреченост „Порака“ во Радовиш. Сите тие беа опфатени во проектот „Создавање на услови за поголема социјална инклузија на лицата со посебни потреби во Југоистокот“ што го реализираше Центарот за развој на Југоистокот, а парите во висина од 2.17 милиони денари ги обезбеди Швајцарската агнеција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа .

В. ТРАЈКОВ