МОДЕРНАТА УМЕТНОСТ НА ПЕТАР ХАЏИ БОШКОВ ЌЕ СЕ СПОИ СО АНТИКАТА ВО СТОБИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Четириесетина дела од повеќе творечки фази на реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) ќе бидат изложени на 18 септември на локалитетот Стоби. Проектот е насловен „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.

Поставката вклучува дела кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.

Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби. Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“.

„Идејата за изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков на археолошкиот локалитет Стоби во делумно затворен и, пред сѐ, отворен простор, потекнува од програмата ‘Стоби – Жив град’, компаративниот однос помеѓу заштитените културни добра и современата визуелна уметност од прва категорија во рамките на нашата држава. Заштитата на културното наследство во својот облик и во својата законска и највисока форма можеме да го видиме и да го доживееме во стариот град Стоби, наспрема визуелните карактеристики на уметноста на нашиот модерен скулптор Петар Хаџи Бошков“, вели Перовски.

П. ПЕЧКОВ