РАКОТ СЕ ПОВЛЕКУВА, А И БОРБАТА СО КОВИД-19 Е ЗАД МЕНЕ, ВЕЛИ ЏЕФ БРИЏИС

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Холивудската легенда Џеф Бриџис ги сподели убавите вести дека ракот му е во ремисија, но и откри дека ковид-19 доста силно го удрил. Седумдесет и едногодишниот оскаровец поминал пет недели во болница откако се заразил со коронавирусот во почетокот на оваа година.

Во меѓувреме заздравил доволно за да ѝ биде придружба на ќерка му Хејли и да танцува со неа на нејзината венчавка. Бриџис лани откри дека му е дијагностициран рак на лимфни жлезди, но дека лекарските прогнози се добри.

„Мојот рак е во ремисија. Моментално е намален на големина на џамлија. И борбата со ковид-19 е зад мене. Прилично добро ме удри. Примив две вакцини и сега се чувствувам многу подобро“, изјави ѕвездата на „Големиот Лебовски“.

Тој му се заблагодари на лекарскиот тим што му овозможил повторно да оди без кислородна поддршка.

„Звукот што го прави таа машина ме потсетува на Дарт Вејдер“, се пошегува Бриџис.

Тој кажа дека се заразил со коронавирусот додека примал хемотерапија.

„Мојот танц со ковид-19 направи ракот да изгледа како шега. Во еден момент бев многу блиску до излезната врата зашто имунолошкиот систем ми беше ослабнат“.

Бриџис вели дека сега е доволно добро за да може да почне со снимањето на трилерот „The Old Man“.