РОЈ ПЧЕЛИ УБИ ДЕСЕТИЦИ РЕТКИ ПИНГВИНИ ВО ЈУЖНА АФРИКА

Кејптаун, (Би-Би-Си)

Шеесет и три загрозени африкански пингвини се убиени од рој пчели во близина на Кејптаун и научниците велат дека ова е исклучително ретка појава. Пингвините од колонијата во Сајмонстаун се пронајдени мртви на плажа со повеќе убоди од пчели. Тие немале други физички повреди.

Локалните власти велат дека ова е прв таков напад на светски познатата плажа Боулдерс, која привлекува до 60.000 посетители годишно.

„Пчелите и пингвините вообичаено коегзистираат. Пчелите не напаѓаат ако не се испровоцирани. Ова е многу ретка појава“, кажа Дејвид Робертс од Јужноафриканската фондација за заштита на крајбрежни птици.

При тестирањата биле пронајдени убоди од пчели околу очите на пингвините.

„Пингвините несреќно се нашле на патеката на летот на пчелите“, додаде Робертс.

Областа претставува национален парк и пчелите се дел од тамошниот екосистем. Африканските пингвини се познати по својот мал раст и нивниот број забрзано опаѓа.