ОЛИВИЈА КОЛМАН ЈА ПОСВЕТИ ЕМИ НАГРАДАТА НА ТАТКО Ѝ, КОЈ ПОЧИНА ОД КОВИД-19

Лос Анџелес, (Пипл)

Оливија Колман призна дека не очекувала да се закити со Еми награда ноќеска и потоа се расплака, посветувајќи ја победата на својот неодамна починат татко. Колман беше прогласена за најдобра драмска актерка за улогата на Елизабета Втора во „Круна“, од која се прости по четвртата сезона.

„Би ги ставила сите пари на тоа дека ова нема да се случи“, изјави Колман, откако, меѓу другите, ја победи и својата млада колешка Ема Корин, која важеше за фаворитка.

Таа потоа стана многу емотивна, откако се присети на татко ѝ Кит, кој почина од ковид-19.

„Ќе бидам многу брза, зашто веќе сум во солзи. Би сакала татко ми да е тука за да го види ова. Го изгубив татко ми во пандемијата, тој ќе го сакаше сето ова“, кажа Колман.

Таа ја играше британската кралица во последните две сезони од хит серијата на „Нетфликс“ и сега ќе ја наследи Имелда Стонтон, како што приказната влегува во ново поглавје.