30 ГОДИНИ ОД ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА „NEVERMIND“ – ПОКРЕНА МУЗИЧКА РЕВОЛУЦИЈА, НО КОБЕЈН БИЛ ЗГРОЗЕН ШТО СИТЕ ГО СЛУШААТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Nevermind“, албумот кој беше музичка пресвртница и ја дефинираше генерацијата, но и направи трагична икона од Курт Кобејн, денеска слави 30 години од излегувањето. Рангиран како еден од највлијателните албуми на сите времиња, тој обедини музички стилови кои дотогаш беа строго разделени, панк, инди и метал, а со додавањето на поп елементот, допре до сите.

„Тоа се градеше низ годините. Дојде ‘Нирвана‘ и го испорача. Албумот беше многу поп, но и многу искрен и автентичен за целата американска панк рок етика“, вели Трстон Мур, фронтменот на „Соник јут“.

Кобејн се самоуби три години по објавувањето на албумот што го прослави (Фото: Гети)

„Тоа е албум што целиот хард рок го направи застарен“, вели Шарлот Блум, авторка на нова книга за гранџ движењето.

Кобејн беше амбициозен и имаше детаљни планови, но огромниот успех на „Nevermind“, кој се продаде во 30 милиони примероци, стана кошмар за неговата панк рок етика. Тој бил згрозен од фактот дека сите го слушаат албумот, како и од неговата блескава продукција.

„Го немам преслушано откако излезе. Не можам да ја поднесам продукцијата“, кажа Кобејн своевремено.

Од моментално заразните рифови во „Come As You Are“ и „Lithium“ до посмирените химни како „Polly“ и „Something In the Way“, звукот често е фуриозен, а мелодиите едноставни. Албумот на 11 јануари 1992 изби на првото место на американската топ листа, симнувајќи го Мајкл Џексон од врвот и покрена револуција на алтернативниот рок.