9. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ ЏИФОНИ ОД ДЕНЕСКА ДО 12 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деветтото издание на филмскиот фестивал за деца и млади Џифони Македонија почнува денеска и ќе трае до 12 октомври во Кинотека и Младински културен центар. Стартот е во 18 часот во киното Фросина со проекцијата на италијанскиот филм „Стаклено момче“. Темата на фестивалот е „Подобрувајќи го светот“.

„Годинава ги воведуваме и таканаречените хабови, во кои 50-ина средношколци од пет града ќе ја следат програмата на фестивалот онлајн. Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони, на италијанското издание на фестивалот во 2022. Годинава имаме 180 учесници од основните и средните училишта од Скопје, кои заедно ќе гледаат филмови и ќе учествуваат во креативни работилници, мастеркласови и други интересни содржини“, вели Дарко Башески, директорот на фестивалот.

Ќе има проекции на 17 играни и 28 кратки филмови во официјалната програма.