Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложба на сликарот Филип Коруновски, насловена „Носталгија на изолацијата“. Авторот се претставува со 24 дела, создадени во јули и август годинава. Ова е негова четврта самостојна изложба во родниот град.

„Изложбата е инспирирана од ковид изолацијата, кога луѓето открија нови интереси и се потсетија на старите, во период кога имаа ограничени можности што да работат. Симболички се претставени луѓе кои имаат интереси во креативниот домен“, кажа Коруновски, кој работи во Велешкиот театар како сценограф.

Делата се дигитални графики, но работени во манир на класична графика, објасни авторот.

Коруновски дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирал на одделот за скулптура.

П. ПЕЧКОВ