ШВЕДСКАТА ТРАДИЦИЈА НА КУПУВАЊЕ БЛАГО ВО САБОТИТЕ ГИ УЧИ ДЕЦАТА НА ШТЕДЕЊЕ И САМОСТОЈНОСТ

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Швеѓаните имаат таква традиција на купување и јадење благо во саботите што имаат и посебен збор за тоа – lördagsgodis, што буквално значи саботни слаткиши.

Lördagsgodis отсекогаш бил важна работа. Чекавме сабота за да купиме слаткиши. Тоа беше како мал, голем настан со родителите. Сега го правам тоа со ќерка ми“, вели Роберт Лундин, кој пораснал во 1980-ите.

Овој концепт датира од 1950-ите. Шведските здравствени власти почнале да препорачуваат јадење благо еднаш неделно со цел да се ограничи пропаѓањето заби во државата која стануваше сè побогата. Склоноста на Швеѓаните да веруваат во државата ги поттикна да ги почитуваат советите за јадење благо само во саботите и овој тренд прерасна во омилена семејна активност која постои и денес.

Бонбоните се слатка мала награда за сите оние кои сакаат да здивнат од неделата, но културолошки аналитичари и економисти сметаат дека може многу да се научи од оваа традиција: тоа ги охрабрува децата да размислуваат за неделен буџет и да стекнуваат независност од рана возраст. Концептот им помага на децата и да ја сфатат вредноста на парите.

„Моите деца добија свои банкарски картички на шест години и секоја недела им уплатувам 20 круни. Кога ќе дојде сабота, купуваат слаткиши со нив. Тие мора да штедат за своите саботни слаткиши. Тие се првото нешто на што шведските деца трошат пари ако добиваат неделен џепарлак, што стана вообичаено во 1960-ите“, вели Софи Тегсведен Деверо, авторка и професорка по шведска култура и вредности.

Според истражување од 2020, седум од десет шведски деца добиваат неделен или месечен џепарлак. Просечниот неделен џепарлак на шведски седумгодишник изнесува 20 круни (2,30 долари), што расте до 500 круни месечно до 15 години.